
Во рамките на петтото коло од групата Д на јужноамериканскиот Копа Либертадорес, екипата на Ривер Плате изведе фудбалско чудо.
Имено, аргентинскиот претставник успеа да слави со 2-1 против колумбискиот вицешампион Санта Фе, иако во пресрет на натпреварот имаше над дваесет членови заразени од КОВИД-19.
И покрај овој огромен проблем, КОНМЕБОЛ не им дозволи да го променат составот, во кој воопшто немаа голман и имаа само единаесет подготвени фудбалери.
Играчот за врска, Енцо Перез, иако имаше повреда, сепак застана на голманската позиција и накрај доби признание за МВП на натпреварот со четири одбрани.
Освен него, заслужни за победата на клубот од Буенос Аирес беа стрелците на головите Фабрицио Ангилери (3′) и Јулијан Алварез (6′).
Од друга страна, за Санта Фе стрелаше Келвин Осорио (73′).
На табелата на групата Д, Ривер остана на првото, а Санта Фе на последното место.



