
Најуспешниот клуб на Ол-Ајрленд Сениор Фудбал Чемпионшип со вкупно 37 титули, Кери, вчера на домашен терен го декласираше Голвеј.
Имено, во рамките на првото коло од Националната фудбалска лига, на ,,Остин Стек Парк”, Кери потполно го надигра својот ривал со конечни (4-21) 33-11 (0-11).
Домаќините ги покажаа своите намери со фуриозниот почеток, а веќе после 14 минути водеа со 6-1.
Најзаслужни за зголемувањето на предноста беа браќата Клифорд, кои до крајот комбинираа за четири голови.
Дејвид Клифорд забележа хет-трик, а неговиот брат Поди уште еднаш ја затресе мрежата на Бернард Пауер.
Дејвид (3-6) и Поди (1-2) беа заслужни за 20 поени на Кери, а ушѕе седум пати поентираше Пол О’Шеј (0-7).
Кај Голвеј, по двапати во листата на поентерите се запишаа Пол Конрој (0-2), Демиен Комер (0-2) и Шејн Волш (0-2).
На табелата на Јужната група од Првата дивизија на НФЛ, Кери е прв, а Голвеј е последен, но Роскомон и Даблин сè уште немаат го одиграно својот меч.



