
Во финалето на овосезонскиот Дански Куп, кој се одигра по 67. пат во историјата, се соочија Рајнес (дан. Randers) и Сонејиске (дан. Sonderjyske).
Истото, по 24. пат, беше одржано на ,,Серес Парк” во Архус пред точно 7941 навивач.
Во минатото, Рајнес настапуваше под името Рајнес Фреја, а во 2003, направи фузија со уште пет локални екипии за да настане актуелниот клуб.
Рајнес Фреја беше освојувач на Данскиот Куп во три наврати (1966/67, 1967/68 и 1972/73), додека од 2003 наваму, единствената титула во ова натпреварување до вчера ја освои во 2005/06.
Сепак, со денешната победа од 4-0, ,,Коњите” стигнаа до вториот трофеј во своето постоење.
Резултатот беше отворен уште во втората минута, кога голманот на Сонејиске, Лоренс Томас, ја затресе својата мрежа по корнерот на Ерик Марксен.
Веќе во седмата минута, предноста на новите шампиони ја удвои Матијас Греве, а на 3-0 зголеми Симон Писингер (53′), со првиот гол во популарниот Ландспокал Куп.
Конечниот резултат го постави Греве, со својот втор погодок на мечот во 81. минута.
Од друга страна, Сонејиске беше бранител на насловот, откако минатата година го совлада Аалборг (2-0), но денес беше запрен на последната станица.



