
Последното 46. коло од англиската Лиг 2 беше дел од денешната богата фудбалска програма.
Во него, беа решени сите дилеми за директна промоција и за пласман во плејофот.
Имено, со титулата се закити тимот на Челтенам, кој денес го доби новајлијата Херогејт со 4-1 и дојде до најголемиот успех во 134-годишната историја.
На второто место се пласираше најдобриот напад во лигата, Кембриџ Јунајтед, кој со денешниот триумф од 3-0 над Гримзби избори враќање во третата лига после точно две децении.
Дури 32, од вкупните 73 голови на Кембриџ Јунајтед беа дело на најдобриот стрелец, а воедно и најкорисниот фудбалер во лигата – Пол Малин.
Третиот клуб што обезбеди директна промоција беше Болтон, кој го декласираше Кроули Таун со 1-4 и така успеа експресно да се врати во третиот ранг.
Во плејоф-зоната останаа истите екипи што се наоѓаа таму во поголемиот дел од сезоната.
Имено, во полуфиналните дуели ќе се соочат Морекамб и Транмер, односно Њупорт и Форест Грин.
Патниците во петтата лига беа познати уште пред една недела.
После еден век во професионалниот англиски фудбал, во Националната лига ќе патува Саутенд, кој има исклучително кризен период, а друштво ќе му прави и последнопласираниот Гримзби.
Засега, сè уште не се познати екипите што ќе изборат промоција од петтата во четвртата, но во најповолна позиција се наоѓаат Торки и Сатон.



