
Откако заврши на второто место на дебитантската трка во Мото 3 во Лусаил, Педро Акоста успеа да поврзе три победи во низа.
Имено, денес, Шпанецот стана првиот возач во историјата што завршил на подиумот на своите први четири трки во Мото 3, откако среќно славеше на домашен терен во Херез.
Зад него, на втората позиција заврши најодликуваниот возач во оваа категорија, Романо Фенати, а пиедесталот го комплетираше Џереми Алкоба и покрај казната од два продолжени кругови.
Во продолжение, пласман во топ 10 изборија уште: Андреа Мињо, Ајуму Сасаки, Карлос Татај, Џејсон Дупаские, Николо Антонели, Чавиер Артигас и Рјусеи Јаманака.
Прилогот ,,среќно” во врска со победата на Акоста беше атрибуиран поради фактот дека на една кривина пред крајот, Денис Онџу направи грешка, а со себе ги ,,повлече” Хауме Масија и Дерин Биндер, чистејќи му го патот на 16-годишниот Шпанец.
Во петтиот круг, во моментот кога ја заземаше првата позиција, инцидент доживеа Габриел Родриго, кој накрај остана без поени.
,,Титулата” за најнесреќен возач сезонава дефинитивно ја заслужи Џон МекФи, кој излета уште во првиот круг.
Шкотланѓанецот минатата сезона се бореше за титулата во Мото 3, а во 2021, на три од првите четири трки доживеа несреќен пад, притоа еднаш стартувајќи од пит-лејнот.



