Единствениот синоќешен дуел од Северната дивизија го одиграа екипите на Торонто Мејпл Лифс и на Калгари Флејмс.
На него, после продолжение, хокеарите на Калгари триумфираа со 2-3 и дојдоа до втората последователна победа.
Имено, Флејмс водеа двапати во регуларниот дел, а Мејпл Лифс двапати израмнуваа.
Во првите шеесет минути игра, за Торонто погодија Зек Хајмен и Александер Керфут, додека стрелци за Калгари беа Јуусо Валимаки и Елијас Линдхолм.
Во продолжението, после само 36 секунди, победоносниот гол за Флејмс го постигна Џони Годро.
За гостите, ова беше важен меч бидејќи нивниот член, односно хокеарот со српско потекло, Милан Лучиќ, го запиша својот јубилеен 1000. настап во НХЛ и го одбележи истиот со асистенција при првиот погодок и со физичка пресметка против Скот Саборин.
На табелата на Северот, Торонто останува на врвот, додека Флејмс се наоѓаат на петтата позиција.
📸 Kevin Sousa/NHLI via Getty Images



