Во 23. коло од австриската Бундеслига, односно во првиот натпреварувачки ден од плејоф-групата, Волфсбергер ја пречека екипата на Рапид Виена.
На дуелот, домашниот состав доживеа потполен дебакл, губејќи со 1-8.
Рапид го отвори резултатот во 22. минута со голот на Таксиархис Фунтас, а десет минути подоцна, Ерџан Кара зголеми на 0-2.
Во меѓувреме, домаќините останаа со играч помалку, откако директен црвен картон доби Лука Лочошвили (29′).
Иако беа само десетмина на теренот, фудбалерите на Волфсбергер успеаја да го преполоват својот заостаток до паузата, откако прецизно стрелаше Торстер Рошер (39′).
Истиот играч имаше шанса за израмнување на стартот на второто полувреме, но наместо тоа, следуваше брз ,,шах-мат” на Рапид.
Имено, на 1-3 зголеми Максимилијан Улман (57′), а во наредните четири минути, Фунтас (58′, 61′) го комплетираше својот хет-трик.
До крајот, одбраната на Волфсбергер доживеа тотален распад и дозволи уште три погодоци во својот гол.
Џонатан Шерцер беше трагичар на поразениот состав со два ефектни автоголови (70′, 84′), а освен него, мрежата на Александар Кефлер ја затресе и резервистот од клупата на виенскиот клуб – Јусуф Демир (78′).
На табелата, Рапид е втор со само бод заостаток во однос на Салцбург, додека Волфсбергер го зазема шестото место.
📸 Johann Schwarz/SEPA.Media /Getty Images



