Претпоследниот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во биатлон, одржан во Нове Место, Чешка, беше комплетиран со двете тимски трки.
Имено, на програмата беа индивидуалната штафетна мешана трка (по еден машки и по еден женски претставник), заедно со тимската штафетна мешана трка (по два претставници и од двата пола).
На тимското натпреварување, Тирил Екоф, Марте Роиселанд, Тарјеи Бо и Јоханес Тингнес Бо им донесоа славје на Норвежаните (1:01:24,1), кои останаа првопласирани во екипниот поредок.
Втората позиција ја освои Италија (+1:08,7), составена од Лиза Витоци, од Доротеа Вирер, од Доминик Виндиш и од Лукас Хофер.
Во битката за најниското место на подиумот, Шведска (+1:22,7) ја порази Франција (+1:42,3).
За Шведска скијаа Елвира Оберг, Ана Магнусон, Јеспер Нелин и Мартин Понсилуома, додека за Франција настапија Ане Шевалие-Буше, Жистин Бреза-Буше, Симон Дестио и Квентин Фијо Маје.
На индивидуалната штафета, Шведска, составена од Лин Персон и од Себастијан Самуелсон (37:41,4), славеше пред Норвешка (+1,5) и пред САД (+26,1).
За Норвешка настапија Ингрид Ландмарк Тандерволд и Стурла Холм Лагреид, додека од северноамериканската селекција се појавија Сузан Данкли и Шон Дохерти.
📸 Christian Manzoni/NordicFocus/Getty Images



