Првата од двете слаломски трки во Оре, Шведска, во рамките на Светскиот куп во алпско скијање во женска конкуренција беше одржана денес во попладневните часови.
На неа, до втората победа во низа, односно до јубилејната дваесетта во кариерата, дојде првопласираната после првата серија – Петра Влхова (1:45,16).
Словачката скијачка, со новите сто поени, го презеде првото место во генералниот поредок од Швајцарката Лара Гут-Бехрами.
На втората позиција се пласираше Австријката Катарина Линсбергер (+0,20), која по деветти пат во кариерата заврши на пиедесталот.
Второпласираната после првото скијање, Микаела Шифрин, имаше добра шанса да се бори за триумф, но поради грешка во втората серија, накрај мораше да се задоволи со третото место (+0,64).
Последната скијачка што имаше заостаток помал од една секунда во однос на Влхова беше четвртата Венди Холденер (+0,69).
Во продолжение, пласман во топ 10 изборија уште: Лена Дир (+1,67), Франциска Грич (+1,80), Мишел Гизин (+1,91), Ана Буцик (+1,91), Пола Молтцан (+2,23) и Кристин Лисдал (+2,39).
📸 Jonas Ericsson/Agence Zoom/Getty Images



