(Весна Кираџиева, репрезентативка на Македонија во атлетика и најтрофејна македонска атлетичарка, поранешна рекордерка и шесткратна национална шампионка во маратон, за Јави се јужна).
Во 2003г. на релација Струга-Охрид-Струга се одржа првиот маратон во Струга, наречен Езерски маратон, а под покровителство на претседателот Борис Трајковски. Годинава, после толку години повторно ќе се организира трка во Струга, ‘Трка на поезијата’, но на пократка дистанца од 5км и 10км и од други организатори. Ние, атлетичарите, маратонците, не сме навикнати да имаме внимание од претседател на држава, (или било која влијателна политичка фигура), па ваков исклучок секогаш е голем гест. Немало друг таков!

На овој ден, 2004г. бев на скијање во Бугарија како дел од наставната програма по предмет ‘скијање’ од фискултирно. Тогаш немавме мобилни, интернети, социјални мрежи, а информациите се движеа значително поспоро, па за ‘не дај боже’, на домашните им го оставив бројот од хотелот во кој престојував. На рецепција штом се вратив од скијање, ми кажаа дека имам повик. Информацијата за претседателот не беше стигната таму сé уште, јас прва дознав откако во тој телефонски повик, брат ми ми пренесе новости од Македонија. Професорите и соучениците не ми веруваа, ми викаа дека ме зеза брат ми, дека би чуле на вести нешто. Јас знаев дека брат ми би правел интернационален повик за глупости и не би се шегувал за такво нешто. Некој час подоцна веста беше споделена и низ бугарските вести. Секако дека бевме деца и политика и политичари ни беа неомилена тема. Ама дури и како деца, можевме да почувствуваме такво чувство на национално обединување во трагедија, а подоцна го имаше само за Тоше (и нека биде последно).

Во 2005г, со група македонски маратонци, јас и брат ми се приклучивме од граничен премин Блаце на еден босански маратонец кој трчаше од Мостар, во чест на претседателот Борис Трајковски (сл. 3, јас и Александар, заокружени со црвено). Мало одолжување за гестот на претседателот кој тој го направи за нас во 2003г., но си велиш, сепак ќе беше подобро ако трчавме следните години на трки под негово покровителство, наместо во негова чест.
Премногу бев млада за да можам да судам за неговите политички одлуки за Македонија, ниту го знаев лично за да го оценувам неговиот карактер, но малите дела за кои зборуваат многумина денес, како што јас зборувам за ова негово мало дело, веројатно кажуваат многу за еден човек.




