По вторпат сезонава, домаќин на случувањата од Светскиот куп во санкање на вештачки патеки е главниот град на областа Тирол, Инсбрук, кој беше избран како замена за Пјонгчанг, Јужна Кореја.
Денес беше одржана јубилејната десетта трка во машки дублови, односно осмата, доколку се занемарат двата спринтови.
На неа и двете серии поминаа во знакот на Италијанците Лудвиг Ридер и Патрик Растнер, кои стигнаа до првата победа во кариерата (1:19,436).
Имено, Ридер и Растнер се првиот италијански двоец што победил во Светскиот куп после Кристијан Оберштолц и Патрик Грубер во 2015 година.
На втората позиција, а воедно и по третпат во низа на подиумот, се најдоа браќата Андрис и Јурис Шикс од Летонија (+0,081).
За само три илјадинки послабо време имаа водечките во генералниот пласман, Томас Штој и Лоренц Колер, кои го комплетираа пиедесталот.
Најголеми трагичари беа искусните Германци, Тони Егерт и Саша Бенекен (+0,125), кои, од второто, паднаа на петтото место. Помеѓу нив и подиумот имаше уште еден летонски дубл, составен од Мартинс Ботс и од Робертс Плуме (+0,116).
📸 Jan Hetfleisch/Bongarts/Getty Images



