Во рамките на 18. коло од италијанската Серија А, Наполи, на домашниот стадион ,,Диего Армандо Марадона”, ја пречека екипата на Фиорентина.
,,Аѕурите” дојдоа до третата победа во низа во сите натпреварувања, откако ги поразија гостите од Фиренца со убедливи 6-0.
На денешната средба, Наполи го направи тоа што не му успеваше на претходните – брутално ги искористи сите свои прилики, односно од седум шутеви во рамките на голот на Бартоломиеј Драговски, дури шест завршија во мрежата.
Веќе на полувремето резултатот гласеше 4-0, откако Лоренцо Инсиње (5′), Диего Деме (36′), Хирвинг Лозано (38′) и Пјотр Зиелински (45′) се запишаа во листата на стрелците.
Во вториот дел, Инсиње погоди уште еднаш од пенал (72′), а конечниот резултат го постави Матео Политано (89′).
Новите три поени ги искачија Наполитанците на третото место на табелата, додека Фиорентина ја зазема четиринаесеттата позиција со пет бодови повеќе во однос на ,,опасната” зона.
📸 Twitter: Official SSC Napoli



