За првпат во историјата на франшизата, Њу Џерси Девилс ја стартуваа сезоната со две ремија, односно со два натпревари што беа решени после продолженија или после пенали.
Противници на „Ѓаволите“ и во двата наврати беа Бостон Бруинс. Во воведниот меч, Бруинс славеа после пенали, додека денес, Њу Џерси триумфираше со 2-1 после продолжение.
Имено, домаќините поведоа уште во првата третина преку вториот овосезонски погодок на Мајлс Вуд.
Во вториот дел, Бостон израмни на 1-1 со „шорт-хендед“ погодокот на капитенот Патрис Бергерон што падна само неколку минути после дискутабилно поништениот гол на Ник Ритчи.
Третата третина беше релативно „сиромашна“ со вкупно петнаесет шутеви и на двете страни. Истата игра продолжи и во продолжението, а во моментот кога се чинеше дека повторно ќе одлучат пеналите, Јегор Шарангович го постигна дебитантскиот гол во НХЛ на само 1,7 секунди пред крајот.
📸 Bleacher Report



