Вкупно 43. издание на популарното рели Дакар се одржуваше од 3 до 15 јануари во Саудиска Арабија.
Големата азиска држава беше домаќин на овој спектакл по вторпат во низа, а таму се тркаа вкупно 322 возачи во шест различни категории: мотоцикли, четирицикли, лесни прототипови, ССВ, автомобили и камиони.
Мотоцикли:
Шампион кај мотоциклистите беше Аргентинецот Кевин Бенавидес, кој ја освои првата титула, по второто место во 2018. Зад него се пласираа минатогодишниот првак, Рики Брејбек (+00:04:56) и првакот од 2017 – Сем Сандерленд (+00:15:57).
Четирицикли:
Во категоријата на четирицикли, повторно славеше Аргентина, но овој пат во името на Мануел Андухар, кој беше на подиум на девет од вкупните дванаесет етапи. Зад него завршија Џовани Енрико (+00:33:44) и Пабло Копети (+03:00:58).
Лесни прототипови:
Во лесните прототипови, шампион беше Чехот Јосеф Махачек, кој во 2009, беше прв шампион во категорија на тогашните новововедени четирицикли. На втората позиција се пласираше дамата од Италија, Камелија Липароти (+02:12:23), а Филип Пиншеде беше трет (+02:36:26).
ССВ:
Во ССВ, Франциско Лопез Контардо и Остин Џонс во неколку наврати го менуваа водството во вкупниот поредок. Накрај, Чилеанецот беше нов шампион, а Американецот (+00:17:23) заврши како втор, пред Полјакот Арон Домжала (+00:51:53).
Автомобили:
Стефан Петерхансел, со само една етапна победа, успеа да ја освои рекордната четиринаесетта титула пред Насер Ал-Атијах (+00:13:51) и пред Карлос Саинц (+01:00:57). Клучна етапа за триумфот на Французинот беше деветтата, каде што, покрај победата, им зададе повеќеминутен заостаток на најблиските конкуренти.
Камиони:
Во најтешката категорија, од првата до последната етапа, водечки во генералниот пласман беше Русинот Дмитри Сотников, кој ја освои својата прва круна на Дакар. На подиумот се пласираа уште двајца негови сонародници – Антон Шибалов (+00:39:38) и Аират Мардеев (+01:14:35).
📸 Honda Global



