На денешен ден пред 129 години, односно на 21 декември 1891, Џејмс Нејсмит ја создал кошарката.
Професорот по физичко образование при ,,Спрингфилд Колеџ”, родум од Канада, бил приморан да создаде нова игра за во сала, поради студените зими во Масачусетс, од страна на доктор Лутер Галик.
Во тој период, најатрактивни спортови во регионот Њу Ингланд биле рагби, лакрос, фудбал, американски фудбал, бејзбол и хокеј.
Анализирајќи ги сите сегменти на наведените спортови, Нејсмит утврдил дека најзабавниот дел од нив е патувањето на топката. Како најбезбедна топка ја сметал фудбалската, пред сè поради големината, па оттаму ја преземал идејата за кошаркарска топка.
За да ги намали меѓусебните контакти помеѓу играчите, тој ги оттргнал дриблинзите и туркањата и ја базирал новата игра на подавањето.
За дополнителна безбедност, го отстранил голманот со тоа што ја ставил метата (кошот) на недофатлива висина, приморувајќи ги играчите да фрлаат лоб-шутеви.
Неколку дена подоцна бил одигран и првиот меч, кој според записите е опишан како ,,игра девет на девет, со фудбалска топка и со гајби за праски, наместо кошеви”.
Две години подоцна, познатата компанија ,,Сполдинг” покренала соработка со Нејсмит за креирање на првите кошаркарски топки, а веќе во 1894 е напишан и првиот правилник.



