Првиот натпреварувачки викенд во ски скокови после Светското првенство во ски летови, а воедно и четврти во тековната сезона, се одржува во Енгелберг, Швајцарија.
На денешната програма, во вечерните часови, се одржуваа квалификациите. На нив, успеа да триумфира Јапонецот Јукија Сато, кој го имаше вториот најдолг скок на денот (137 метри). Подолго од него скокна само лидерот во генералниот поредок, Халвор Егнер Гранеруд (139 метри), кој накрај заврши како трет. Помеѓу нив, со 0,6 поени заостаток во однос на Сато, се најде Пјотр Жила.
Најголемо позитивно изненадување беше шестото место на Цене Превц, кој воедно беше и најдобар Словенец.
Освен горенаведените четворица, во првите десет завршија уште: Маркус Ајзенбихлер, Даниел Хубер, Камил Штох, Рјоју Кобајаши, Мариус Линдвик и Давид Кубацки.
Од поквалитетните скокачи, отпаднаа Зеверин Фројнд, Андреас Велингер и Роман Куделка.



