Петнаесеттото коло од регуларната НФЛ сезона го отворија ривалите од АФК Запад – Лас Вегас Рејдерс и ЛА Чарџерс.
После изедначените шеесет минути игра, мечот беше решен во продолжението, каде што Чарџерс изборија победа од 27-30.
Во текот на натпреварот, ниту една екипа во ниеден момент не успеа да ,,избега” на повеќе од еден посед разлика.
Во првата четвртина, Дерек Кар, стартниот квотербек на Рејдерс, доживеа повреда и на негово место настапи Маркус Мариота, кој беше одличен со вкупно 314 освоени јарди и два постигнати тачдауни, но и едно пресечено додавање кон крајот на четвртата четвртина.
Од друга страна, Чарџерс на квотербековската позиција го имаа дебитантот Џастин Херберт, кој освои 314 јарди со додавање, односно постави дебитантски рекорд од седум мечеви во првата сезона со по 300+ освоени јарди со додавање.
Во последната четвртина, шутерот на Чарџерс, Мајкл Беџли промаши два филд-голови, а слична судбина го затекна и неговиот колега од спротивната страна, Даниел Карлсон, кој во последната секунда од регуларниот дел имаше шанса да им донесе победа на Рејдерс, но поради лошо изведената топка, не успеа ниту да шутира.
Накрај, како најзначаен играч на Чарџерс се покажа токму Херберт, кој во продолжението, најпрво одигра неколку супериорни акции, за потоа да го постигне и победничкиот тачдаун. Освен него, поените за Чарџерс преку тачдаун ги постигнаа Хантер Хенри, Тајрон Џонсон и Кејлен Балаџ. Од друга страна, по едно полагање за Рејдерс забележаа Дерен Волер, Џош Џејкобс и Маркус Мариота.
Со овој триумф, Чарџерс дојдоа до учинок од 5-9, но нивните шанси за влез во плејоф зе непостоечки. Рејдерс паднаа на 7-7 и значително го искомплицираа својот пласман во доигрувањето.
Во соработка со НФЛ Македонија



