Одличното 14. овосезонско коло во НФЛ не можеше да се затвори на подобар начин, односно со дивизискиот дуел помеѓу Кливленд Браунс и Балтимор Рејвенс.
На ,,ФирстЕнерџи Стадиум” во Кливленд, Балтимор славеше со 42-47 благодарение на единствениот прецизен филд-гол на мечот од страна на Џастин Такер на две секунди пред крајот, на којшто му следуваше ,,сејфтито” на Марлон Хамфри.
Овој резултат претставува ,,скоригами”, односно резултат со којшто не завршил ниеден натпревар во досегашната историја (вкупно 1061. ,,скоригами”).
За Рејвенс, ова е трета врзана победа над Кливленд и втора во тековната сезона, откако го добија првиот дуел во првото коло со 38-6.
Двете екипи беа исклучително расположени за напад, постигнувајќи по шест тачдауни. За домаќините, Ник Чаб и Карим Хант по двапати се запишаа во листата на поентерите, заедно со Бејкер Мејфилд и со Рашард Хигинс, кои поентираа по еднаш. Мејфилд беше одличен во нападот со 28/47 обиди за додавање и со освоени вкупно 366 јарди, притоа имајќи и едно пресечено додавање од Тајус Баусер.
Од друга страна, квотербекот на Рејвенс, Ламар Џексон, имаше неверојатна тркачка партија со 124 истрчани јарди од 9 трчања и два тачдауни со пробивање. На ова, додаде уште 11/17 обиди за додавање за 163 јарди и уште еден тачдаун. Освен Џексон, за составот на Балтимор, поени преку тачдаун донесоа уште Гас Едвардс (х2), Џеј Кеј Добинс и Маркис Браун.
После овој меч, на три кола до крајот и двете екипи се во борбата за плејофот и за второто место во АФК Север. Имено, Кливленд има учинок од 9-4, додека Балтимор е на 8-5.
Во соработка со НФЛ Македонија



