Вториот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во крос-кантри се одржуваше во швајцарското гратче Давос, но во отсуство на скандинавските натпреварувачи, кои се повлекоа најмалку до крајот на декември.
На вчерашните спринтови, Роузи Бренан ја запиша првата победа во кариерата во финалниот трилер, а кај мажите победи Федерико Пелегрино.
Дамите, денес се тркаа на десет километри слободен стил, а Бренан го круниса одличниот викенд со втората врзана победа (24:49,8). На втората позиција се пласира руската скијачка Јулија Ступак (+34,0), а Американката Хејли Свирбал (+40,5) за првпат се искачи на подиумот, заземајќи го третото место. Пласманот до првите пет го комплетираа Наталија Непрјаева (+44,8) и Тереза Штадлобер (+46,8).
Во машката конкуренција, Русите потполно издоминираа во однос на сите конкуренти, заземајќи ги првите четири позиции. Александер Болшунов најбрзо ја помина патеката од 15 километри (32:46,4), оставајќи ги зад себе Андреј Мелниченко (+32,2), Артем Малцев (+39,5) и Иван Јакимушкин (+46,1). Најдобар скијач што не потекнува од најголемата држава во светот беше петтопласираниот Франческо Де Фабијани (+49,8).



