Виган уште од минатата сезона има проблеми на сите позиции во клубот, вклучувајќи ги и оние надвор од теренот.
Токму поради тоа, популарните ,,Латикс” беа релегирани во Лиг 1, а набргу останаа без сопственик и без бројни играчи.
Целата ситуација резултираше со лошите партии во третата лига и заземање на последната позиција во пресрет на денешниот натпревар.
Сепак, поранешните прволигаши успеаја да триумфираат над Акрингтон Стенли со 4-3 и со новите три поени да му го препуштат дното на Бартон Албион. За Виган, ова беше прва лигашка победа после серија од десет натпревари.
Од друга страна, во сите натпреварувања, Акрингтон не знаеше за пораз цели осум мечеви, а со потенцијален денешен триумф ќе скокнеше во плејоф-зоната.
Виган, после првото полувреме, стекна предност од навидум убедливи 3-0, а стрелци беа Том Џејмс (14′), Бен Гарднер (19′) и Вил Кин (32′ од пенал).
Во вториот дел, двата брзи голови на Џоу Причард (61′) и на Мајкл Нотингем (65′), го вратија Акрингтон во игра, но во 83. минута, Марк Хјуз ја затресе својата мрежа и му донесе нова предност на Виган од 4-2. До крајот, дефанзивецот Камерон Бурџес (86′) успеа само да го постави конечниот резултат со својот прв лигашки погодок во дресот на Акрингтон.



