Четвртиот овосезонски натпреварувачки викенд од Светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција, се одвива во фамозниот Вал д’Изер.
По воведните четири трки во техничките дисциплини, скијачите конечно ќе се тркаат во двете брзински – супер-велеслалом и спуст.
На денешниот супер-велеслалом, до единаесеттиот подиум, а воедно и до првата победа во кариерата дојде скијачот со реден број пет, Швајцарецот Мауро Кавиецел, кој ја помина патеката за време од 1:01,34.
Второто место му припадна на Норвежанецот Адријан Смисет Сејерштед (+0,10), а како третопласиран заврши Австриецот Кристијан Валдер (+0,54). И двајцата скијачи, за првпат во кариерата, се искачија на подиумот во супер-велеслалом.
Во продолжение, пласман во првите десет изборија уште: Тревис Генонг (+0,76), Винсент Крихмајер (+0,77), Кјетил Јансруд (+0,82), Алексис Пантуро (+0,86), Кристоф Инерхофер (+0,88), Андреас Сандер (+0,88) и Беат Фојц (+0,91).



