Џио Струмица славеше над Универзитет во Тетово со 3:0 (25:23, 25:22 и 25:22) во дербито на досегашниот дел од сезоната во најквалитетната македонска одбојкарска конкуренција.
Тоа значи дека последниот освојувач на двојната круна кај нас го задржа максималниот ефект досега и ќе заврши на врвот на табелата по воведниот дел од Првата лига (мажи).
Тетовци беа рамноправен ривал, но во првиот сет пропуштија предност од три поени и потоа не можеа да го запрат противникот којшто постојано за нијанса беше пред нив.Со девет победи на девет натпревари, Џио Струмица ќе влезе во Втората фаза – 1, во којашто во четири круга со вкупно 12 натпревари ќе играат и Универзитет во Тетово, Вардар и ГОК Борец.
Универзитет има осум, Вардар седум, а велешани шест триумфи во друштвото на екипите со веќе обезбеден полуфинален статус. Натпреварите од наредниот сегмент продолжуваат претстојниот викенд, а потоа ќе има пауза поради подготовките на македонската репрезентација за настапот во јануарските квалификации за Европското првенство наредната година.
Извор: Одбојкарска федерација на Македонија
Фото: ОК ЏИО Струмица



