После двете воведни скокалници, во Висла и во Рука, Светскиот куп во ски скокови ја продолжи сезоната во Нижњи Тагил, Русија.
На вчерашното натпреварување, Халвор Егнер Гранеруд го искористи очајниот втор скок на Маркус Ајзенбихлер и ја запиша втората врзана победа за преземање на жолтата маичка. Само половина час претходно, Роберт Јохансон го постави новиот рекорд на скокалницата од 142,5 метри и си загарантира подиум.
На денешното натпреварување, Норвежаните повторно ја ,,уништија” конкуренцијата. Имено, Гранеруд славеше по третпат во низа, а Јохансон го освои второто место со минимален заостаток. Нивниот сонародник, Мариус Линдвик, го комплетираше подиумот.
На четвртата позиција се пласираше Маркус Ајзенбихлер, а до најдобрите резултати во своите кариери стигнаа петтиот Кеичи Сато и шестиот Павел Васек. Во првите десет успеаја да се запишат уште Константин Шмид, Јохан Андре Форфанг, Грегор Дешванден и Тими Зајц.



