Вториот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во биатлон се одржува на истата локација како и првиот, односно во Контиолахти, Финска.
За разлика од вчерашните случувања, во коишто мажите имаа потера, а жените имаа штафета, денес дисциплините ги сменија категориите, односно мажите скијаа тимски, а жените се бркаа.
Во машката штафета (4 х 7,5 км), Норвежаните убедливо ја декласираа конкуренцијата. Штурла Холм Лагреид, Ветле Сјастад Кристијансен, Тарјеи Бо и Јоханес Тингнес Бо беа за 39,2 секунди побрзи од Шведска (Пепе Фемлинг, Јеспер Нелин, Мартин Понсилуома и Себастијан Самуелсон), односно за 51,7 секунди подобри од Германија (Ерик Лесер, Роман Реес, Арнд Пајфер и Бенедикт Дол).
Кај дамите, Тирил Екоф и Марте Олсбу Роиселанд, успеаја да ја надоместат стартната предност на Хана Оберг од четврточниот спринт. Имено, на последното пукање Екоф ги искористи промашувањата на двете ривалки за победа и го запиша четиринаесеттиот триумф во кариерата. Роиселанд (+21,5), го засили скијачкото темпо во последните километри и успеа да се оддалечи од водечката во Светскиот куп, Оберг (+35,4), којашто не победи за првпат после последните три трки. Ѕинара Алимбекава (+55,0) и Јохана Скотхајм (+56,3) беа единствените останати биатлонки со заостаток помал од една минута.



