Вториот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во санкање беше одржан во германското гратче Алтенберг.
Пред една недела, во машката индивидуална конкуренција, Германецот Феликс Лох ја отвори сезоната со два триумфи – едниот во две серии и едниот во спринт.
Лох ја продолжи својата доминација и денес со фантастичната втора серија. Имено, Германецот после првото санкање ја заземаше 17. позиција, но накрај успеа да триумфира по третпат во низа.
Второпласиран беше неговиот сонародник Макс Лангенан (+0,303), кој, од 16. место, скокна до својот најдобар пласман во кариерата.
Подиумот го комплетираше Летонецот Кристерс Апарјодс (+0,306), односно санкачот што беше тринаесетти после првата серија.
Најголем прогрес од сите направи Русинот Семјон Павличенко со напредокот од 25. до 4. место.
Неговиот сонародник и актуелниот шампион, Роман Репилов, беше првопласиран после првото санкање, но накрај мораше да се задоволи со петтата позиција.



