Вториот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во биатлон се одржува на истата локација како и првиот, односно во Контиолахти, Финска.
Кај мажите, на денешната програма беше потерата, стартувана според редоследот од спринтот во четврток.
Неверојатни денешни перформанси покажа Швеѓанецот Себастијан Самуелсон, кој и покрај едното промашување, успеа да надомести 1:10,3 минути и да стигне до првата индивидуална победа во Светскиот куп.
Исто така, одличен беше и Французинот Фабиен Клод (+15,8), кој заврши како второпласиран. Подиумот го комплетираше Јоханес Тингнес Бо (+19,5), кој стартуваше како трет.
Победникот на спринтот, Тарјеи Бо, денес значително потфрли, пред сè поради петте промашени пукања, доволни за дванаесеттото место.
Кај дамите, на програмата беше женската штафета, во којашто, после речиси една деценија, славеше Шведска составена од Јохана Скотхајм, од Мона Брорсон и од сестрите Елвира и Хана Оберг. Ане Бекон, Ане Шевалие-Буше, Клои Шевалие и Жистин Бреза-Буше ја искачија Франција до второто место (+9,6), а Германија (+43,9), за којашто настапуваа Ванеса Хинц, Франциска Пројс, Марен Хамершмидт и Денизе Херман, беше трета.



