Во април 2018, Сандерленд АФК ја заврши ерата на Елис Шорт, кој го продаде клубот на сегашниот сопственик Стјуарт Доналд.
Доналд веднаш го потпиша тренерот Џек Рос, кој беше на кормилото на ,,Црните мачки” сè до октомври 2019, кога беше отпуштен и се пресели во Хиберниан.
На негово место дојде поранешниот менаџер на Болтон, Фил Паркинсон, кој го предводеше Сандерленд до осмата позиција во Лиг 1 – најслабиот пласман на клубот во 141-годишната историја.
Паркинсон добро ја започна новата сезона, но формата на неговите фудбалери значително стагнираше. Совршен индикатор за тоа е фактот дека клубот од северна Англија нема триумф на последните шест средби (три ремија и три порази).
Целата ситуација резултираше со нова промена на тренерската позиција. Имено, наместо Паркинсон, од денес, нов селектор на Сандерленд, кој потпиша договор на две и пол години, ќе биде Ли Џонсон.
Џонсон има само 39 години, а веќе предводеше квалитетни тимови како Олдам Атлетик и Барнсли. Сепак, неговото најзначајно и последно тренерско искуство го имаше во Бристол Сити од 2016 до 2020.



