Првиот овосезонски натпреварувачки викенд од Светскиот куп во крос-кантри заврши со потерите на десет, односно на петнаесет километри.
Кај дамите, Терезе Јохауг ја одбрани и ја зголеми вчерашната предност, триумфирајќи по вторпат во низа и осигурувајќи ја круната на ,,Рука Трипл”. Промени се случија на наредните позиции, особено во борбата за подиум, каде што Татјана Сорина (+47,0), од вчерашната четврта, изби на втората позиција. Истата завршница од вчера т.е. најниската позиција на пиедесталот ја имаше Еба Андерсон (+48,6). Освен нив, заостаток помал од една минута имаа Фрида Карлсон (+50,8), Роузи Бренан (+52,5) и Марие Хелен Фосесхолм (+54,8).
Лин Сван (+1:06,9), Маја Далквист (+1:08,8), Керту Нисканен (+1:14,5) и Наталија Непрјаева (+1:15,6) ја комплетираа првата десетка.
Во машка конкуренција, Јоханес Клебо имаше предност од петнаесет секунди на стартот, но околу седмиот километар им дозволи на Александар Болшунов и на Емил Иверсен да го водат темпото. Тоа се покажа како одлична тактика, овозможувајќи му на Клебо да нападне на крајот и тесно да триумфира. Болшунов (+0,7) заврши на второто место, а Иверсен (+3,0) беше трет.
Ханс Кристер Холунд (+19,5) беше одличен на четвртото место со најдобро денешно време, а во топ десет се пласираа Ииво Нисканен (+27,3), Ендру Масгрејв (+27,7), Алексеј Червоткин (+32,9), Евгениј Белов (+33,4), Андреј Мелниченко (+35,9) и Ристомати Хакола (+37,1).



