Во последното коло од Евро квалификациите за жени, во Алмати, Македонија се соочи против домаќинот Казакстан. Нашите репрезентативки остварија голема победа од 0:3 каде што сите три гола паднаа во првото полувреме. Двоен стрелец беше Гентјана Рочи и еден гол постигна Елма Шемсовиќ.
При победите се величат голгетерите и кон нив е насочено вниманието. Но овој пат во преден план заслужено внимание добива и репрезентативниот голман Магдалена Лекоска која што бранеше фантастично и успеа да ја сочува чиста својата мрежа.
Македонија на претходните натпревари примаше по неколку голови, но сега со концентрирана игра, со желба за успех но и со одлични одбрани на Лекоска стигнавме до три бода без да примиме гол во нашата мрежа.
Пред самиот крај на натпреварот во судиското продолжение се случи и немил настан во кој што при шут на противничка фудбалерка, Лекоска имаше тешка задача и со тешки напори спречи гол, но на одбиената топка налета репрезентативка на Казакстан и во борба за топка со Лекоска ненамерно ја повреди. По укажаната лекарска помош се беше во ред со Магдалена Лекоска и славјето започна за сите македонски репрезентативки на терен.



