Втор ден во низа, алпските скијачки од Светскиот куп се натпреваруваа во Леви, Финска, во дисциплината слалом.
Денес беше вкупно трет натпреварувачки ден, односно втор последователен во најтехничката дисциплина.
На вчерашната трка, Петра Влхова триумфираше пред Микаела Шифрин и Катарина Линсбергер.
Првата серија од денешната трка беше возбудлива, пред сè поради фактот дека Мишел Жизен и Влхова ја делеа првата позиција, оставајќи ги зад себе Венди Холденер (+0,23) и Микаела Шифрин (+0,37).
Во втората серија преовладуваше лошата видливост што резултираше со неколку промени на позициите.
Холденер и Шифрин паднаа по една позиција, односно завршија на четвртото и петтото место.
Влхова повторно остана на тронот, оправдувајќи ја првата позиција од првата серија. Жизен не успеа да парира доволно, па мораше да се задоволи со второто место (+0,38).
Најдобрата скијачка во втората серија, Катарина Линсбергер, го комплетираше подиумот (+0,50).
Во првите десет, освен горенаведените пет натпреварувачки, се најдоа уште: Франциска Гритч (+1,01), Катарина Трупе (+1,07), Ирене Куртони (+1,29), Лоренс Сен Жермен (+1,29) и Мартина Дубовска (+1,30).



