Кошаркарот на шпанскиот АЦБ лигаш, Гран Канарија, Џејкоб Вајли кој има 26 години и 203 сантиметри, ќе биде во конкуренција за едно од 12. места во репрезентацијата на Македонија на претстојниот квалификациски турнир во Естонија.
И дефинитивно процедурата за неговото добивање македонско државјанство е завршена на време и тој е веќе регистриран во канцеларијата на ФИБА. Станува збор за крилен центар кој треба да ја пополни позицијата „4“, на која досега од натурализираните кошаркари ги имавме на располагање Ричард Хендрикс, а потоа и и Шејн Витингтон, кои сега играат во Јапонија и кои поради строгите здравствени процедури во „земјата на изгрејсонцето“ не се во можност да настапуваат во „црвено-жолтиот“ дрес на нашиот национален тим.

Џејкоб Вајли има искуство и од НБА лигата. Во 2017 година, сега веќе новиот Македонец одигра пет средби во дресот на Бруклин нетс. Наредното лето играше и за Далас маверикс во летната лига. Минатата сезона настапуваше за Панатинаикос, а има искуство од играње во Германија и од далечната Австралија.
Во текот на оваа сезона за Гран Канарија просечно реализира по 9.8 поени и 2.3 скока во шпанската „Ендеса“лига. На претстојниот „балон“ во Талин, нашиот сениорски национален тим ќе ги одмери силите против Италија (28. ноември), а потоа и против домаќинот Естонија (30 ноември). Во „Б“ групата е уште и селекцијата на Русија.
На континенталниот собир (во четири различни држави од Европа) ќе се најдат двете најдобри селекции на табелата во конкуренција на руската, естонската и македонската селекција, со оглед на тоа што Италија веќе има обезбедено пласман на Евробаскетот, и тоа како еден од четирите организатори на шампионатот.



