Единствениот летонски претставник во КХЛ, Динамо Рига, важи за најслаб состав во тековната сезона. Имено, до вчера, Летонците имаа четиринаесет последователни порази, но ја прекинаа таа негативна серија со победата над Кунлун Ред Старс од 5-3.
За Кинезите, ова беше шести пораз во низа што ги остава на дното на Источната конференција, исто како и Динамо Рига на Западот.
Во третата минута, Лаурис Дарзинс им донесе водство на домаќините, а до крајот на првиот период, Кунлун направи пресврт преку Паркер Фу (прв гол во КХЛ) и преку Иван Николишин.
Во втората минута од втората третина, Џордан Мареј израмни на 2-2, а четиринаесет минути подоцна, Кејси Велман му ја врати предноста на Кунлун.
Динамо Рига, во завршните две минути од вториот дел, направи целосен пресврт, со головите на Микс Индрасис и на Глеб Зирјанов.
Во третата третина, Зирјанов уште еднаш се запиша во листата на стрелците за конечни 5-3 во корист на Динамо Рига.



