Македонскиот женски шампион Каменица Саса испадна во првата рунда од новата сезона во женската Лига на шампионите, откако денеска во Софија загуби од бугарскиот првак НСА Софија со 3:1 во првото коло од квалификациите.
На стадионот ,,Васил Левски” македонскиот шампион во првиот дел имаше рамноправна игра се до израмнувањето, каде што најпрвин домашната екипа на НСА Софија го отворија резултатот преку Пенкова во 17 минута, за израмнувањето да стигне во 35 минута со голот на Ана Димитровска.
Кога се очекуваше крај на полувремето НСА Софија со брзи два гола го решија натпреварот во своја полза. Головите за водство од 2:1 и потоа веднаш за 3:1 ги постигнаа Желева и Пенкова.
Во второто полувреме ЖФК Каменица Саса не најде начин да се врати во игра, а во финишот од натпреварот во 86 минута поради два жолти картони Мила Талевска мораше предвреме да го заврши натпреварот.
Во домашната екипа имавме и македонска интернационалка и тоа голманката Викторија Донева која што не доби можност за настап на оваа средба. Каменичанки сега им преостануваат обврските во домашниот шампионат и одбраната на минатогодишната шампионска титула.



