Во текот на изминатиот викенд, во Лејк Шервуд, Калифорнија, беше одржано второто издание на турнирот во голф – ,,Зозо Чемпионшип”.
Овој турнир е во склоп на ПГА Тур, а неговиот награден фонд, оваа година, изнесуваше осум милиони долари.
До победата стигна Патрик Кентли, кој го запиша својот трет триумф на турнир од ПГА Тур, односно прв после 2 јуни 2019, кога го освои ,,Меморијал Турнамент”.
Американецот го заврши првиот ден на релативно лошото деветто место со (-5) поени.
После вториот и после третиот ден, Кентли го држеше четвртото место, со (-12) и со (-16), а до победата стигна во последниот ден со учинок од (-7) за вкупни (-23) поени што се рекорд на турнирот.
Второто место, со еден поен заостаток, го поделија Џон Рам и Џастин Томас, а во првите десетмина, завршија уште: Расел Хенли, Рајан Палмер, Камерон Смит, Баба Вотсон, Камерон Чемп, Кори Конерс и Џоел Дамен.
Минатогодишниот победник, Тајгер Вудс, дебело потфрли и го зазеде 72. место со (-1) поен.



