Исто како и минатиот викенд, возачите од Мото 2 категоријата се тркаа на патеката во Арагон, но денес за големата награда на Теруел.
Оваа патека се покажа како кобна за Марко Беѕеки, кој втор викенд по ред, доживеа пад и сам се оддалечи од битката за шампионската титула.
Во продолжение имавме соло-трка на Сем Лоус, кој славеше по третпат во низа и го презеде водството во генералниот пласман. Воедно, Лоус е првиот Британец што победил три последователни трки во втората класа, после Фил Рид во 1971 година.
На второто место се пласира Фабио Ди Џанантонио, кој го освои и својот четврти подиум во Мото 2.
Задоволен е исто така и Енеа Бастијанини, кој заврши како трет на денешната трка и втор во вкупниот поредок.
Освен нив, поени освоија уште: Гарднер, Наваро, Мартин, Диксон, Фернандез, Рамирез, Робертс, Марини, Виерхе, Сјарин, Нагашима и Корси.
Во генералниот пласман, ситуацијата изгледа вака:
- Сем Лоус (178 поени)
- Енеа Бастијанини (171 поен)
- Лука Марини (155 поени)
- Марко Беѕеки (130 поени)



