По вторпат во низа, возачите од МотоГП се тркаа на патеката во Арагон, но овој пат за големата награда на Теруел.
До првата пол-позиција во кариерата дојде Такааки Накагами, кој стана првиот Јапонец што стартувал од првата позиција во МотоГП после Макото Тамада во 2004 година.
Сепак, Накагами излета уште во првиот круг поради својата прва грешка во текот на целиот викенд, а исто така, во првата кривина, трката ја завршија Џек Милер и Бред Биндер.
Од тој момент, па натаму, Франко Морбидели го презеде водството пред Алекс Ринс, додека за третото место се бореа неколку возачи.
Алекс Маркез беше еден од конкурентите за подиумот, но излета во втората кривина од четиринаесеттиот круг, откако загуби контрола над својот мотоцикл.
До крајот, Морбидели и Ринс ги задржаа своите позиции, а Италијанецот ја запиша својата втора овосезонска победа и се вклучи во борбата за шампионската титула.
На третото место се пласира тимскиот колега на Ринс од ,,Сузуки” – првопласираниот во вкупниот поредок – Жоан Мир.
Освен горенаведените тројца возачи, поени освоија уште: Пол Еспаргаро, Жоан Зарко, Мигел Оливеира, Маверик Вињалес, Фабио Квартараро, Икер Лекуона, Данило Петручи, Кал Крачлоу, Штефан Брадл, Андреа Довициозо, Тито Рабат и Бредли Смит.



