Денес беше одиграно седмото коло од тековната сезона на Лиг 1, кое беше проследено со возбудливи натпревари.
Трета победа во последните четири средби за Портсмут, кој денес со два брзи погодоци го ,,реши” Џилингем со 0-2. Стрелци за популарните Помпи беа Џон Маркис (14′) и Мајкл Џејкобс (17′), кои се запишаа во листата на стрелците за првпат во новата сезона.
Линколн го порази Плимут со 2-0 за да избие на третата позиција на табелата.
Головите за момците предводени од Мајкл Аплтон ги постигнаа Џорџ Грант (50′ од пенал) и Бренан Џонсон.

Повратниците во третата лига, Кру Александра, беа поразени на гостински терен од Сандерленд – поранешниот премиерлигаш и еден од главните претенденти за влез во Чемпионшип. Победата на ,,Црните мачки” им ја донесе Чарли Вајк во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме.
Минатогодишниот голгетер на Бристол Роверс, кој ова лето премина во Питерборо, Џонсон Кларк-Херис, денес го постигна својот трет гол во новата средина. Имено, Англичанецот им ја донесе победата од 0-1 на фудбалерите предводени од Дарен Фергусон, против Виган, со голот во 28. минута.
Во седмата минута од продолжението на првото полувреме, Кин Луис-Потер го заби својот трет гол сезонава. Англичанецот, со овој погодок, му ја донесе победата од 1-0 на Хал над Вимблдон, а воедно ги искачи ,,Тигрите” на првото место на табелата.

Натпреварот со најмногу голови од денешната програма на Лиг 1 беше оној помеѓу Донкастер и Ипсвич (заедно со Оксфорд Јунајтед 3-2 МК Донс).
Имено, Донкастер триумфираше со убедливи 4-1 и, освен што им го нанесе првиот овосезонски пораз на ,,Трактор Бојс”, исто така и ги тргна од првата позиција на табелата.
Најпрво, уште во четвртата минута, Ипсвич поведе со 0-1 преку автоголот на Џоу Рајт, а во продолжение, домаќините четири пати ја затресоа мрежата на Томаш Холи, благодарение на Камерон Џон (28′), на Бенџамин Вајтмен (37′ и 62′ од пенал) и на Феџири Окенабирие.
Со овој пораз, Ипсвич падна на второто, а со новите три поени, Донкастер се искачи на шестото место.
Конечни резултати:
Шрузбери 0-1 Бристол Роверс
Џилингем 0-2 Портсмут
Акрингтон 1-0 Флитвуд
Блекпул 0-1 Чарлтон
Донкастер 4-1 Ипсвич
Хал 1-0 Вимблдон
Линколн 2-0 Плимут
Оксфорд Јунајтед 3-2 МК Донс
Сандерленд 1-0 Кру Александра
Виган 0-1 Питерборо
Бартон 0-1 Рочдејл
Нортемптон 2-1 Свиндон



