Џејсон Кокрак го освои овогодинешното четврто издание на ,,Си Џеј Куп” одржано во Шадоу Крик, Невада.
За Американецот, ова е седма професионална победа, но прва на ПГА Тур.
Кокрак го започна турнирот релативно слабо, завршувајќи го првиот ден на четиринаесеттото место.
Од друга страна, Тајрел Хетон беше првопласиран после првиот ден на еден ПГА турнир за првпат во својата кариера.
Ксандер Шофел имаше одличен втор ден со (-8) поени за преземање на водството. Американецот, исто така, ја оствари и својата најдобра серија во кариерата со шест последователни ,,брдис”.
После вториот ден, Кокрак ,,скокна” до петтото место, а во третиот ден, го подели второто место со Шофел и со уште други двајца голфери – Талор Гуч и Ланто Грифин.
Четвртиот ден, како и најчесто, беше пресуден за триумфот на Кокрак, кој беше одличен со дополнителни (-8) за конечни (-20). На второто место се пласира Ксандер Шофел со (-18), а со (-17), третата позиција ја поделија Тајрел Хетон и Расел Хенли.



