Трката за големата награда на Франција, во МотоГП категоријата, одржана во Ле Ман, беше проследена со дожд. Воедно, оваа беше првата трка после онаа во Валенсија во 2018 на којашто преовладуваше врнежливото време.
Дождот донесе големи возбудувања и беше главен виновник за излетувањето на Валентино Роси уште на самиот почеток. Освен ,,Докторот”, трката не ја завршија уште пет други возачи: Смит, Рабат, Крачлоу, Морбидели и Милер.
Кулминација на возбудувањата беше победата на Данило Петручи, кој стана седмиот различен победник во тековната сезона и прв победник за ,,Дукати” на француската патека.
На второто место, Алекс Маркез, братот на Марк Маркез, го оствари својот најдобар пласман и прв подиум во кариерата, пред сè, поради неочекуваните откажувања на Милер и на Ринс додека беа во водечките три возачи.
Од иста причина профитираше и Пол Еспаргаро за освојување на третото место.
Пласман во првите десетмина забележаа: Довициозо, Зарко, Оливеира, Накагами, Брадл, Квартараро и Вињалес, а поени освоија уште: Мир, Биндер, Бањаја, Алеиш Еспаргаро и Лекуона.



