Англискиот премиерлигаш, Кристал Палас, веќе започна со градењето на солидна екипа во пресрет на новата сезона. Тимот од Лондон, денес, официјално го потпиша англискиот мега-талент, Еберечи Езе, на петгодишен договор, неофицијално вреден шеснаесет милиони фунти. За младиот Англичанец беа заинтересирани многу квалитетни екипи, но тој одбра да игра на „Селхурст Парк“ за да остане во Лондон.
Имено, Езе е 22-годишен напаѓач, кој потекнува од школата на Милвол, а целата досегашна сениорска кариера ја помина во дресот на КПР. Во 2017, беше испратен на позајмица во Викомб Вондерерс, каде што постигна пет голови и беше одличен тандем со Адебајо Акинфенва. Во 2019/20, за КПР постигна четиринаесет голови на четириесет и шест лигашки натпревари, притоа додавајќи уште осум асистенции.
Досега, Езе има одиграно шест натпревари за англиската У20 репрезентација и три за У21 селекцијата.



