Мадервел и Хамилтон се две екипи од шкотскиот Премиершип, кои се меѓусебни ривали. Нивното ривалство е наречено ,,Ланаркшир дерби” поради географската местоположба.
Првиот нивен натпревар датира од 22 септември 1888, а досега имаат одиграно вкупно сто педесет и два. Мадервел има седумдесет и пет, Хамилтон – четириесет и три победи, а триесет и четири меча завршиле без победник.
Станува збор за модерно ривалство, кое ескалира во последните неколку децении, иако порано, овие два противници, најчесто се среќавале во финалето на Ланаркшир Куп. Нивните натпревари често знаеле да завршат со тензија на теренот, но и помеѓу навивачите, до тој степен што морале да интервенираат полицијата и болничарите.
На денешниот сто педесет и трети меѓусебен дуел, Мадервел беше домаќин на својот ,,Фир Парк”. Домаќините доминираа во играта и во поседот на топката, но сепак, до победата дојде Хамилтон. Единствениот гол на натпреварот го постигна младиот Хаким Одофин на четири минути пред крајот. За Англичанецот – поранешен играч на Барнет, Вулверхемптон, Истли, Нортемптон и Ливингстон – ова беше прв сениорски погодок во кариерата. Младоста и свежината во редовите на Хамилтон ги истакнува и фактот дека просечната возраст на играчите беше 22,8 години.



