Според ,,Би Би Си”, своевремено неприкосновениот британски велосипедист, Крис Фрум, нема да настапува на претстојното издание на Тур д Франс што ќе започне на 29 август.
Оваа информација ја потврди и Дејв Бреилсфорд, шефот на тимот ,,Инеос” (поранешен ,,Скај”) изјавувајќи:
,,На Крис [Фрум] му е потребно уште време за да се врати на своето највисоко ниво.”
Оваа изјава на Бреилсфорд е поткрепена со фактот дека Фрум, минатата година, доживеа повреда што сè уште го држи надвор од патеките.
Фрум ќе вози за ,,Инеос” уште оваа сезона. Челниците на тимот одбија да ја продолжат соработката со 35-годишниот Британец, кој наредната сезона ќе се префрли во ,,Израел Старт-Ап Нејшн”.
За ,,Инеос”, Фрум ќе биде прв возач на Вуелта, додека истиот примат на Џиро д’Италија ќе го има Герент Томас.
Сепак, ниту Томас нема да настапува на Тур д Франс што значи дека најголема надеж на ,,Инеос” на најпрестижната трка ќе бидат минатогодишниот шампион Еган Бернал и победникот на последното издание на Џиро д’Италија- Ричард Карапаз.
Имено, во својата досегашна кариера, Крис Фрум ги има освоено трите најпрестижни трки односно Тур д Франс (2013, 2015, 2016 и 2017), Џиро д’Италија (2018) и Вуелта (2011 и 2017).



