Екипата на Вегас Голден Најтс стана првиот четврт-финалист во тековната НХЛ сезона. „Златните витези“ ја добија својата серија против Чикаго Блекхокс со вкупен резултат од 4-1. Синоќа беше одигран нивниот последен натпревар од серијата што Вегас го доби со 4-3.
Чикаго, уште во првата третина, поведе со 0-2 благодарение на головите на Џонатан Тејс и Алекс ДеБринкат, но до крајот на првиот период, Вегас ја преполови предноста со голот на Мет Пачорети.
Во воведната минута од вториот дел, Вегас израмни преку Марк Стоун, а само три минути подоцна Патрик Кејн му донесе ново водство на Чикаго. До крајот на мечот, Вегас направи целосен пресврт и дојде до посакуваната победа. Стрелци на последните два погодоци беа Алек Мартинез и Алекс Так.



