Екипите на Херогејт Таун и на Нотс Каунти се соочија во финалето на плејофот на петтата англиска лига за да го одредат вториот патник во Лиг 2 за наредната сезона. По прекинот на сезоната, директна промоција избори првопласираниот Бероу, додека Херогејт како второпласиран заврши во плејофот. Во плејофот заврши и третопласираниот Нотс Каунти, кој му беше противник на Херогејт во финалето.
Во полуфиналето, Херогејт со 1-0 славеше над Борам Вуд, додека Нотс Каунти беше подобар од Барнет со 2-0.
На денешното финале победи Херогејт со резултат од 3-1, а головите ги постигнаа Џорџ Томпсон (5′), Конор Хол (28′) и Џек Дајамонд (70′). За Нотс Каунти, единствено погоди Калум Робертс (46′), кој на последните пет натпревари има ист број на погодоци.
За Херогејт ова е прв историски пласман во англискиот професионален фудбал во историјата. Клубот од Јоркшир е основан во 1914 година, а моментално на претседателската и тренерската функција се наоѓаат татко и син – Ирвинг Вивер (претседател) односно Сајмон Вивер (тренер).



