Во рамките на 28. коло од германската Бундеслига се соочија Баер Леверкузен и Волфсбург. Натпреварот беше одигран на „БајАрена“ во Леверкузен, но сепак домаќините загубија со убедливи 1-4.
На полувремето, резултатот изнесуваше 0-1, откако по асистенција на Макс Арнолд, Марин Понграчиќ го отвори резултатот, а воедно го постигна и својот прв бундеслигашки погодок.
Во вториот дел, бевме сведоци на рапсодија на Волфсбург. Имено, „Волците“ постигнаа три гола и тоа преку Макс Арнолд (64′), Ренато Штефен (68′) и горенаведениот Хрват Марин Понграчиќ (75′). На Леверкузен му се смешкаше најубедливиот домашен пораз во историјата, но честа на „Фармацевтите“ ја спаси Австриецот Јулијан Баумгартлингер во 86. минута.
Со оваа победа, Волфсбург останува на шестата позиција, додека Леверкузен, од четвртото падна на петтото место бидејќи Борусија Менхенгладбах одигра нерешено (0-0) на гостувањето во Бремен.



