Белорускиот фудбал сè уште останува единственото активно фудбалско натпреварување на стариот континент, а денес беше отворено седмото коло од првата Вишаја Лига.
На заменскиот „Харадски Стадиум“ во Борисов, Смолевичи го пречека тимот на Енергетик-БГУ, кој важеше за благ фаворит во пресрет на натпреварот.
Либериецот Дејвид Твех го отвори резултатот во седумнаесеттата минута со фантастичен, а воедно и негов прв овосезонски погодок и му го донесе на Енергетик водството од 0-1. Овој резултат беше актуелен сè до шестата минута од судиското продолжение кога одличниот Узбекистанец Јашур Јахшибаев, од пенал зголеми на 0-2.
Овие две екипи, до пред неколку сезони, се соочуваа и во втората и во третата белоруска лига, а овој триумф е прв гостински за Енергетик над денешниот ривал.
Освен двата гола, на натпреварот видовме и два црвени картони. Најпрво, гостите останаа со играч помалку во 84. минута кога Свирепа доби втор жолт картон, а само три минути подоцна, бројот на играчите на теренот се израмни откако истата судбина му следуваше и на Котов од тимот на Смолевичи.
На табелата, Смолевичи е на претпоследното место со само три постигнати голови во првите седум кола, додека Енергетик ја зазема третата позиција. Имајќи во предвид дека овој натпревар беше увертира на новото коло, овие две екипи имаат натпревар повеќе во однос на своите ривали.



