Екипите на Анахајм Дакс и Питсбург Пенгуинс се соочија синоќа во интересен дуел кој заврши со релативно неочекуван резултат. Имено, домашната екипа од Калифорнија славеше со 3-2 над фаворизираните „Пингвини“ од Питсбург. Стрелци на головите за Анахајм беа Дентон Хајнен во првата односно Рајан Гетзлаф и Брендан Гули во втората третина. За Питсбург, двапати погоди Џејсон Цукер, новото појачување кое пристигна од Минесота Вајлд во изминатиот трејд период.
Анахајм успеа да стигне до својата втора врзана победа, откако пред три дена славеше над Едмонтон Оилерс и успеа да скокне за една позиција на табелата – моментално се наоѓа на тринаесеттото место на Западот. Од друга страна, Питсбург го запиша петтиот последователен пораз и падна на петтото место во Источната конференција.



