Во четвртото коло од ирската Премиер дивизија се соочија единствените две екипи кои немаа пораз оваа сезона – Шамрок Роверс и Дундалк. Сепак, после овој натпревар, само „зелено-белите“ од Даблин останаа непоразени со сто процентен учинок бидејќи на дербито славеа со 3-2 во неверојатен натпревар полн со пресврти.
Најпрво, Шамрок поведе преку Дајлан Вотс во дваесеттата минута, а Дундалк израмни две минути подоцна со голот на Џордан Флорес. Токму овој гол постигнат со неверојатен волеј дефинитивно ќе кандидира за „Пушкаш“ наградата која се доделува за естетски најубав погодок. Во 63. минута, Дундалк стигна до пресврт откако погоди Патрик Хобан, а осум минути подоцна, Роберто Лопес израмни на 2-2. Победничкиот гол падна во 83. минута, а беше дело на Џек Бирн кој донесе огромна радост на трибините на полниот „Талахт Стадиум“.
Шамрок ја запиша четвртата победа оваа сезона и се издвои на првата позиција со три поени предност во однос на денешниот противник кој е второпласиран. Воедно, Шамрок на овој меч ги прими првите голови сезонава.



