Дерби Каунти, на својот „Прајд Парк“, ја пречека екипата на Фулам во увертирата на 34. коло од англискиот Чемпионшип. „Овните“ на Филип Коку имаа иницијатива во поголемиот дел од натпреварот, а до водството дојдоа во 55. минута, кога Вејн Руни во „Паненка“ стил погоди од пенал. Водството на Дерби траеше сè до 71. минута кога Александар Митровиќ, со својот 22. погодок сезонава, израмни на 1-1 и го постави конечниот резултат. Играч на натпреварот од редовите на Фулам е голманот Марек Родак кој во последните десетина минути од натпреварот направи чуда за да ја сочува својата мрежа.
Двајца играчи од тимот на Дерби прославија свој сопствен јубилеј. Имено, Андре Висдом го одигра 100. натпревар во црно-белиот дрес, додека Вејн Руни го одигра својот 500. натпревар во англискиот фудбал.
Ова реми не им донесе значителни помрднувања на табелата ни на двете екипи. Дерби е дванаесеттопласиран со 45 бода т.е. осум бода помалку и натпревар повеќе во однос на плејоф позициите. Од друга страна, Фулам останува на третото место со два бода заостаток во однос на Лидс.



