Отава Сенаторс и Бафало Сејбрес го одиграа дуелот со најмногу голови во рамките на синоќешната НХЛ програма. Имено, Отава славеше со неверојатни 7-4.
Во првата третина беа постигнати вкупно шест голови. Најпрво, Бафало поведе со 0-2 преку двата гола на Брендон Монтур, а во продолжение, Отава со головите на Владислав Наместников, Артем Ансимов (2) и Дрејк Батерсон, стигна до предност од 4-2. Втората третина помина во знакот на Бафало кои беа поуспешни со 1-2. Кајл Окпосо и Виктор Олофсон постигнаа по еден гол за гостите, а за Отава, стрелец беше капитенот Жан-Габриел Пажо кој даде еден од најчудните погодоци оваа сезона. Третата третина беше само ревијална за Отава кои уште два пати ја затресоа противничката мрежа. Пажо го постигна и својот втор гол на мечот, а Ентони Дуклер, на празен гол, го постави конечниот резултат. Дури и после двете врзани победи, Отава е сè уште претпоследна екипа на Истокот, додека Бафало е три позиции понапред.
Пред почетокот на натпреварот, беше оддржана една церемонија во која, од употреба беше повлечен дресот со број 4 во таборот на Отава во чест на Крис Филипс. Филипс беше прв пик на драфтот во 1996, а во Отава ја помина цела своја кариера заклучно со сезоната 2015/16. За Сенаторс одигра вкупно 1179 натпревари што претставува клупски рекорд. Филипс е вториот играч на Отава чијшто дрес ќе биде повлечен од употреба. Првиот играч кој ја имал оваа чест бил поранешниот капитен Даниел Алфредсон.



